Сигурно сте слушнале за синдромот на токсичен шок. Статијава ќе ви каже сѐ што треба да знаете за болеста: каква е и зошто се појавува, кој може да заболи, кои се симптомите, што значи TSS и како се намалуваат ризиците за заболување.
Причини и општи информации
Што е синдром на токсичен шок (TSS)?
Синдром на токсичен шок (или скратено TSS) е ретка болест, но сериозна, речиси опасна по животот, предизвикана од токсини што ги носи бактеријата Staphylococcus aureus. Иако е ретка болест – случаи на TSS има толку малку што ретко кое медицинско лице се сретнало со таков случај во текот на својата професионална кариера – важно е да бидете свесни за болеста за да можете да преземете мерки доколку е потребно. TSS може да се дијагностицира и излекува успешно доколку симптомите се препознаат и третираат навреме.
Синдромот на токсичен шок е болест што е првпат откриена во 1978 година од страна на д-р Џејмс Тод, засновано врз студија со клинички случаи на седум деца. Слични случаи се наоѓаат и многу порано во медицинската литература, уште од времето пред да постојат личните хигиенски производи. Од TSS можат да заболат мажи, жени и деца. Иако првите случаи во кои е опишан синдром на токсичен шок, главно, вклучуваат жени што користеле тампони за време на месечниот циклус, во денешно време помалку од една половина од случаите се поврзуваат со тоа. Овој синдром може да се појави и поради кожна инфекција, изгореници и по оперативни зафати. Од болеста може да заболат и деца, жени во постменопауза и мажи.
Што предизвикува TSS?
TSS е предизвикан од токсините што ги произведува бактеријата Staphylococcus aureus. Како и многу други бактерии, Staphylococcus aureus се микроорганизми што природно се наоѓаат во човекот, претежно на кожата, во носот, под пазувите, слабините и во вагината. Всушност, една третина од целата популација ја има ова бактерија без таа да им причинува здравствени проблеми. Кај мал број луѓе одредени видови од овој организам се носители на токсините што можат да предизвикаат TSS. Повеќето луѓе имаат антитела во крвотокот, кои ги штитат од токсините.
Каква врска има TSS со користење тампони?
Во развивањето на TSS влијаат различни фактори, употребата на тампони е еден од нив. Но, сѐ уште не е позната поврзаноста на тампоните со развивањето на TSS. Така, истражувањата покажуваат дека ризикот од менструален TSS поврзан со употребата на тампони има врска со нивото на апсорбирање: колку што е поголемо нивото на апсорбирање на тампонот, толку е поголем ризикот од заболувањето, а со помало ниво на апсорбирање се намалува и ризикот. Затоа, секогаш користете најниско ниво на апсорбирање за своите потреби, во зависност од обилноста на менструацијата.
Нема докази што покажуваат дека материјалите што се користат денес за производство на тампони го зголемуваат или предизвикуваат нивото на токсини што води кон TSS. Тампоните ниту се носители на бактеријата Staphylococcus aureus, ниту, пак, е пронајдено дека доведуваат до зголемување на бактеријата во вагината.
Имам прочитано дека тампоните од 100 проценти памук го намалуваат или го елиминираат ризикот од TSS. Точно ли е тоа?
Не, не е точно. Сите тампони на пазарот, вклучувајќи ги и тие од 100 проценти памук, носат мал ризик од TSS. Најновите научни информации кажуваат дека тампоните направени од вискоза и од памук носат ист ризик како тие од 100 проценти памук. Каков тампон и да користите, треба да знаете да ги препознаете знаците и симптомите на TSS. Доколку забележите некои од овие симптоми, извадете го тампонот и обратете се на лекар.
Имам прочитано дека TSS се избегнува само со користење менструални чашки, па зошто тогаш жените не ги користат само нив?
Многу е важно секоја жена да знае дека TSS може да настане со секој производ што се вметнува во вагината, тука спаѓаат и менструалните чашки, тампоните и дијафрагмите за контрацепција. Доколку користите некои од овие производи, важно е да бидете свесни за знаците и за симптомите на TSS и веднаш по забележувањето да се обратите кај лекар.
Симптоми и факти за TSS
Кои се симптомите на TSS добиен од тампони?
Симптомите на синдромот на токсичен шок можат да бидат слични со тие на грипот. Доколку искусите некој симптом на TSS од тампони и мислите дека сте болни, отстранете го тампонот веднаш, обратете се кај лекар и посочете дека се сомневате во TSS.
Главните знаци што посочуваат на можност од TSS се:
- Ненадејна висока телесна температура (најчесто 39 Целзиусови степени или повеќе)
- Збунетост
- Конвулзии
- Повраќање
- Пролив
- Вртоглавица
- Низок крвен притисок
- Откажување на црниот дроб и на бубрезите
- Иритирана кожа слично на изгореница од сонце
- Болка во мускулите
- Болка во грлото
- Несвестица или чувство дека ќе се онесвестите кога станувате
- Во понапредна фаза од болеста, може да почне да се лупи кожата (ова се случува една до две седмици по појавата на иритирана кожа, особено на дланките и на стапалата)
Кој било од овие симптоми може да значи дека страдате од TSS. Може и да ги немате сите симптоми, но, обично, има повеќе од еден. Менструален TSS може да се појави за време на менструацијата или кратко потоа.
Затоа што TSS е ретка болест, нема многу информации за долгорочните последици по заздравувањето. Кога болеста е правилно дијагностицирана и третирана, повеќето луѓе целосно заздравуваат. Како и кај други сериозни болести, може да се појават промени на кожата, косата и на ноктите, но за кратко се враќаат во нормала. Мал број луѓе искусуваат слабост во мускулите и психолошки проблеми, како тешкотии при концентрација, губење на памтењето и промени во расположението. Болеста не ја погодува плодноста и можноста за забременување кај жените, но, сепак, информирајте го вашиот лекар доколку сте имале TSS, со цел соодветно да ја следи вашата здравствена состојба.
Дали може секој да заболи од TSS?
Да, за жал. Секој може да заболи од TSS, мажи, жени и деца. Поголема веројатност за заболување имаат децата и младите луѓе, отколку постарите лица. Тоа се должи на заштитните антитела против токсините, кои донекаде зависат од возраста.
Околу една половина од откриените заболени случаи се должат на инфекции предизвикани од изгореници, убоди од инсекти или оперативни зафати. Другата половина заболени се жени кај кои е пронајден менструален TSS, што се поврзува со употреба на тампони.
Друга важна работа што треба да ја знаете за синдромот на токсичен шок е дека не е заразен.
Дали TSS е заразна болест?
Не! Не можете да префатите синдром на токсичен шок од друго лице.
Дали е можно да се заболи од TSS повеќепати?
Да, за жал. Дури и веќе да сте имале TSS, не значи дека не може пак да заболите. TSS може повторно да се појави, а најголемата причина е тоа што телото не може да создаде доволно антитела. Доколку некоја жена имала TSS претходно, треба да се посоветува со лекар пред повторно да употреби тампони.
Третман и превенција
Постои ли третман за синдромот на токсичен шок?
Доколку се дијагностицира рано, синдромот може успешно да се лекува со рехидрирање, антибиотици и со други соодветни лекарства, во зависност од симптомите.
Доколку TSS е дијагностициран навреме и е даден соодветен третман, постојат големи шанси за успешно заздравување. Всушност, нема многу случаи во кои болеста завршила со фатални последици.
Повеќето видови на бактеријата Staphylococcus aureus не се носители на токсините што предизвикуваат TSS, носители се само одредени видови. Исто така, присуството на еден вид од бактеријата што го носи токсинот неопходен за развој на TSS не е доволен сам по себе. Всушност, повеќе студии покажуваат дека случаите на TSS се ретки иако колонизацијата на бактериите е многу честа. Па, тогаш, од што зависи развојот на TSS? Првично, зависи од тоа дали лицето има доволно антитела да се бори против токсините. Повеќето жени, иако не сите, имаат доволно антитела што ги штитат.
Што да правам ако забележам симптоми?
Доколку забележите некои од симптомите, а користите тампон, веднаш извадете го и употребете влошка. Контактирајте со вашиот лекар и информирајте го дека сте користеле тампони и дека се сомневате во TSS. Важно е да го отфрлите сомнежот колку што е можно побрзо, а доколку е потребно, колку што е можно порано и да примите соодветен третман за синдром на токсичен шок.
Како можам да го намалам ризикот од добивање менструален TSS?
Можете да го намалите ризикот со тоа што ќе здобиете добри навики кога употребувате тампони:
Менувајте ги тампоните редовно, на секои четири до осум часа. Не користете ист тампон подолго од осум часа. Секогаш употребувајте тампони со најниско ниво на апсорбирање, во зависност од обилноста на менструацијата. Проверете дали сте го извадиле тампонот пред да ставите нов. Проверете дали сте го извадиле тампонот по завршувањето на циклусот. Тампоните се предвидени да ја впиваат само менструалната течност. Не употребувајте тампон како метод на заштита пред почетокот на циклусот или за впивање други вагинални исцедоци. Се препорачува за време на циклусот еднаш дневно да користите влошки, најдобро преку ноќ. Доколку повеќе сакате да употребувате тампони и преку ноќ, секогаш ставајте нов пред легнување и извадете го веднаш по станувањето. Никогаш не употребувајте тампони преку ноќ доколку спиете подолго од осум часа.
Производителите на тампони даваат информации за TSS и за тоа како правилно да користите тампони заедно со упатството што доаѓа со производот. Информациите редовно се обновуваат, затоа е важно да ги прочитате внимателно упатствата и да ги чувате за во иднина.
Како да изберам тампон со правилно ниво на апсорбирање?
Кога користите тампони, важно е да го изберете најниското ниво на апсорбирање што одговара на обилноста на менструацијата. Затоа што обилноста варира за време на циклусот, најверојатно, ќе ви требаат различни нивоа на апсорбирање за различни денови.
Избирањето тампон со правилно ниво на апсорбирање доаѓа со практичната употреба, но ако морате да го менувате тампонот на пократок интервал од четири часа, обидете се со повисоко ниво на апсорбирање. Од друга страна, ако чувствувате неудобност и ако делови од тампонот се сѐ уште необоени кога го вадите, тоа значи дека ви е потребен тампон со помало ниво на апсорбирање.
Запомнете: не користете ист тампон подолго од осум часа.